Западнонилската треска продолжува да се шири во земјава, а здравствените власти регистрираат нови случаи и подрачја со зголемен ризик. Досега се потврдени 43 случаи на заболени, четири лица починале од невроинвазивната форма на болеста, а за првпат е потврдена западнонилска треска кај угината птица – гавран.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека новина во однос на досегашната состојба е појавата на случаи во општините Центар и Чаир. Тој посочи дека граѓаните пријавуваат угинати птици, кои ги собира Агенцијата за храна и ветеринарство, што овозможува дополнително следење и проценка на ризикот од ширење на вирусот.
Според медицинските податоци, кај околу 80 проценти од заразените со западнонилска треска нема симптоми или тие се благи. Кај околу 20 проценти од заразените може да се појават треска, главоболка, повраќање и осип.
Кај помалку од еден процент од заразените се развива тешка, невроинвазивна форма на болеста, односно енцефалитис или менингитис. Во такви случаи може да се појават вкочанетост во вратот, конфузност и епилептични напади, а закрепнувањето може да трае со недели или месеци. Ризикот од смртен исход кај пациентите кај кои е зафатен нервниот систем е околу 10 проценти.
34 ризични подрачја, 13 со висок ризик
Клековски денеска разговарал со градоначалниците од скопските општини за дополнителни мерки, а во активностите се вклучуваат и општините надвор од Град Скопје, бидејќи, како што посочи, Скопската Котлина треба да се гледа како една целина.
„Комарците не познаваат општински граници“, рече министерот, посочувајќи дека радиусот на движење на комарците е од еден до два километри.
Во моментов се идентификувани 34 ризични подрачја, од кои 13 се категоризирани како високоризични.
Клучните критериуми за проценка на ризикот се застоеноста на водата и високото ниво на органска материја. Проточните реки со риби, според Клековски, не претставуваат ист ризик, бидејќи движењето на водата го намалува ризикот од развој на ларви, додека рибите се хранат со нив.
Меѓу високоризичните локации се каналите за наводнување во Скопско Поле, ископите исполнети со вода, мртвите делови од реките, Серава во Радишани и Бутел, како и каналите во Идризово, Стајковци, Сингелиќ, Гази Баба, Илинден, Драчево, Батинци и Студеничани.
Септички јами, гробишта и стари гуми – нови ризични точки
Како дополнителен ризик, здравствените власти сега ги издвојуваат и септичките јами, гробиштата и местата каде се складираат стари гуми.
Септичките јами се ризични поради можноста за задржување вода, додека на гробиштата водата може да се задржува во вазните, каде има и органски материјали. Старите гуми, пак, доколку не се соодветно складирани, можат да собираат вода и да станат погодни места за размножување на комарците.
Сепак, според Клековски, најголемиот дел од ризичните места може да бидат и многу помали и потешко забележливи – од расипани хидранти и саксии со вода до стари буриња во кои се собира дождовница.
Високоризичните места се утврдуваат преку геомапирање, а со нивното идентификување ќе се организира и дополнително прскање.
Вирусот не се шири само во Медитеранот
Клековски посочи дека западнонилската треска потекнува од Африка, но денес е распространета и во Европа, Северна и Јужна Америка. Иако медитеранските земји се меѓу погодените подрачја, најголем ризик не значи секогаш дека го имаат најјужните региони.
Тој како пример ги посочи Италија и Грција, каде што меѓу погодените подрачја се Северна Италија, Атика и централна Македонија во Грција. Во Србија, пак, најпогодена е Војводина, а не јужните делови на земјата.
Според министерот, бројот на случаи може значително да варира од година во година, а ширењето на вирусот е поврзано со повеќе фактори, меѓу кои климатските промени, температурите и миграцијата на птиците.
Клековски нагласи дека епидемиите на западнонилската треска немаат однапред предвидлив тек и дека здравствените власти можат да ги преземат сите достапни мерки, но динамиката на вирусот зависи и од фактори кои не можат целосно да се контролираат.