Каракачанов се закани со блокирање на Македонија кон ЕУ и НАТО

Министерот за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов, се закани дека ќе ја блокира кандидатурата на Македонија кон ЕУ и НАТО, доколку биде усвоен и само еден невистинит историски факт. Тој му порача на премиерот на Македонија Зоран Заев да не ја злоупотребува темата со македонскиот јазик.

„Г-не Заев не ја злоупотребувајте темата со македонскиот јазик. Тоа може да ве чини членство во НАТО и ЕУ“, напиша Каракачанов на својот „Фејсбук“ профил.

„Македонскиот јазик кој не е признаен од никого како официјален јазик, не може да се смета како таков на целата територија на Северна Македонија. Северн Македонија е географско име кое вклучува и територија на Република Бугарија. Заев во тој контекст утре може да побара употреба, целосно идентичниот бугарски дијалект да биде изучуван како официјален странски јазик и кај нас, што е недозволиво и провокација“, напиша Каракачанов.

Тој додава дека комисијата за историски прашања не работи во полза на историската вистина, оценувајќи го поднесувањето од макдонска странa на список на бугарски учебници кои содржат националистички, реваншистички авторитарни текстови кон Македонија, како агресивно и дрско.

„Ако биде усвоен и еден невистинит историски факт, дури и ако еден историски факт биде заменет, ќе побарам од страна на државата кандидатурата на Македонија за НАТО и ЕУ да не биде поддржана“, вели Каракачанов.

Извор: ТВ21