Катар делумно го обновува воздушниот сообраќај, дозволени ограничен број летови

Властите во Катар соопштија дека започнува делумно обновување на воздушната навигација во земјата, преку специјално определени алтернативни рути со ограничен оперативен капацитет.

Како што информира Qatar Civil Aviation Authority (QCAA), одлуката е донесена во целосна координација со Катарските вооружени сили и со другите надлежни институции во државата, поради актуелните безбедносни околности во регионот.

Во оваа фаза ќе биде дозволено реализирање на ограничен број летови, главно наменети за евакуација на патници, како и летови за воздушен карго транспорт, со цел да се обезбеди континуитет на основните воздушни услуги.

Од катарската цивилна авијациска власт нагласуваат дека институцијата функционира со највисоко ниво на оперативна подготвеност и во постојана координација со надлежните органи, со цел да се гарантира безбедноста на патниците и персоналот во секторот за цивилно воздухопловство.

Воедно, QCAA соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата и дека јавноста и партнерите од авио-индустријата ќе бидат навремено информирани за сите понатамошни промени и одлуки.