Катица Јанева снимена на третман во фризерски салон, пронајден и нејзиниот изгубен телефон

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција соопшти дека во текот на вчерашниот ден бил пронајден вториот мобилен телефон на јавниот обвинител по кој се трагаше.

Се вчитува...

„По издавање на првата наредба за одземање на мобилните телефони, беше пронајден само еден мобилен телефон и беше дадена информација дека вториот мобилен телефон бил изгубен.

Обвинителството со издадено барање до мобилните оператори за следење на IMEI- меѓународен идентитет на мобилна опрема на телефонот, го пронајде мобилниот телефон кај друго лице. По што, со наредба на судија на претходна постапка телефонот е одземен. Притоа лицето изјави дека телефонот е добиен на подарок“, велат од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција велат дека ги презеле сите дејствија и мерки во насока на целосно расчистување на кривично правниот предмет, а мобилниот телефон по наредба на обвинителството ќе биде предмет на вештачење.

Истовремено, обвинителството испитува дали вториот мобилен телефон бил средство на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите.

Првиот телефонот на Катица Јанева и беше одземен минатиот понеделник и предаден на вештачење со цел да се види нејзината комуникација со осомничените во „Рекет“.

Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска викендов рече дека имаат снимки од кои сè слуша и гледа дека додека осомничениот Бојан Јовановски разговарал со сведокот бизнисмен, на спикерфон бил и јавен обвинител, без да прецизира за кого станува збор.

Катица Јанева даде оставка на функцијата минатиот понеделник, од кога не е достапна за јавноста. Јанева, како што информираа од СЈО, во вторникот отворила боледување.

Во меѓувреме на социјалната мрежа „Фејсбук“ се појави видео-снимка од специјалната јавна обвинителка Катица Јанева како користи фризерски услуги во еден салон за убавина.

Како што објави ТВ21, снимките се направени вчера, а фризерскиот салон се наоѓа на булевар Партизански одреди во Скопје.

Катица често ги користела услугите на овој салон.

Извор: Сител телевизија