Македонија

„Ќерка ти е повредена“ – измамници од Македонија ѝ зеле 24.000 евра на жена од Врање

„Ќерка ти е повредена“ – измамници од Македонија ѝ зеле 24.000 евра на жена од Врање

Жена од Врање останала без над 24.000 евра откако била измамена преку телефонски повик од непознати лица кои ја довеле во заблуда дека нејзината ќерка доживеала несреќа во Шпанија и дека итно ѝ се потребни пари.

Според информациите од полицијата, измамниците ја контактирале жената од непознат број и ѝ дале точни инструкции како да ги предаде парите. Во паника и верувајќи дека станува збор за итна семејна ситуација, таа пред зградата оставила црна кеса во која имало 23.000 евра и 240.000 српски динари.

Откако случајот бил пријавен, полицијата започнала истрага, при што парите биле пронајдени кај две лица, државјани на Македонија, кои биле запрени при обид да ја преминат границата од Србија кон Македонија.

Против осомничените ќе биде поднесена кривична пријава за измама.

Од полицијата дополнително информираат дека истиот ден уште пет лица од Врање пријавиле дека добиле слични телефонски повици од непознати броеви. За среќа, тие навреме ја прекинале комуникацијата и не предале пари.

Надлежните повторно апелираат граѓаните да бидат внимателни при вакви измамнички повици и да не им веруваат на непознати лица кои бараат пари, туку секогаш прво да ја проверат информацијата преку директен контакт со своите блиски или со надлежните институции.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни