Тешка сообраќајна несреќа попладнево предизвика тотален сообраќаен колапс на патниот правец Прилеп-Градско, во близина на приклучувањето за селото Ореовец на превојот Плетвар.
Според првичните информации од очевидци, во несреќата има загинат маж, откако огромно товарно возило се превртело на коловозот, истурајќи големо количество песок.
Сообраќајот на оваа делница е во прекин и огромен застој уште од 18:00 часот. На терен се создадени километарски колони – од прилепската страна возилата чекаат уште од бензинската станица „Салида“ и кај АМСМ во градот, додека од спротивната страна колоната достигнува должина и до 20 километри.
Иако од АМСМ и „Македонијапат“ информираа дека сообраќајот се пропушта наизменично по една коловозна лента, состојбата на терен е поинаква.
На терен е и багер кој работи на отстранување на песокот и превртениот камион за да се ослободи патот.