Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји потпиша серија договори за економска соработка меѓу Кина и Источен Тимор, последната станица од неговата 10-дневна турнеја низ Јужниот Пацифик, пренесе АФП.
Ванг и неговата колешка од источен Тимор, Адалиса Магно, потпишаа договори во главниот град Дили, за соработка во земјоделството, економијата и технологијата, како и за медиумски партнерства. Двете земји, исто така, потпишаа договор за распоредување на кинески медицински тим во Источен Тимор, најмладата земја во Југоисточна Азија.
Соединетите Американски Држави и Австралија изразија загриженост за зголеменото влијание на Кина во Јужниот Пацифик, особено во земјите како Соломонските Острови, каде што потпишувањето на безбедносен договор на почетокот на турнејата на Ванг Ји предизвика загриженост за воените амбиции на Пекинг.
Но, денеска во Дили не беа потпишани договори за одбрана или безбедност.
Министерот за економија на Источен Тимор, Хоаким Амарал, рече дека билатералните односи меѓу Кина и неговата земја отсекогаш биле исклучително добри, особено во економската сфера. Тој додаде дека Пекинг може да одигра важна улога во пристапувањето на неговата земја во АСЕАН.
