Македонија

Клековски: Се проширува надзорот за случајот со Ива Михајлова, ќе се формира и стручна комисија

Клековски: Се проширува надзорот за случајот со Ива Михајлова, ќе се формира и стручна комисија

Министерството за здравство бара дополнителни проверки во случајот со Ива Михајлова, со цел да се утврдат сите здравствени услуги што ѝ биле дадени во земјава во текот на 2025 и 2026 година. Покрај проширувањето на надзорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), ќе биде формирана и комисија за стручен надзор која ќе го испита медицинскиот аспект на лекувањето.

Ова денеска го соопшти министерот за здравство, Сашо Клековски, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на проектот за набавка на 100 нови амбулантни возила.

Клековски појасни дека досегашниот извештај на ДСЗИ, изготвен по иницијатива на Клиниката за неврологија, не ги опфатил сите здравствени установи во кои Михајлова добивала услуги. Поради тоа, побарал надзорот да се прошири и на приватна здравствена установа во која таа била третирана во меѓувреме.

„Барав дополнување на извештајот на ДСЗИ, бидејќи не е следена целата патека и здравствени постапки кои Ива ги имала во здравствените установи во Македонија. Дополнително побарав надзорот да се прошири на една приватна здравствена установа каде што е третирана во меѓупериодот, за да добиеме комплетна препорака“, изјави Клековски.

Министерот додаде дека во досегашната фаза веќе се констатирани прекршоци и дека е побаран стручен надзор за медицинскиот дел од извештајот.

Коментирајќи ја вчерашната средба во Софија со бугарската министерка за здравство, на која разговарале за повредените во трагедијата во Кочани, Клековски рече дека прашањето за Ива Михајлова не било предмет на разговор. Според него, постигнале премолчена согласност дека случајот е од доменот на правдата, а не на здравството, со оглед на тоа што, како што наведе, станува збор за лице барано со меѓународна потерница.

За случајот се огласи и премиерот Христијан Мицкоски, кој ја коментираше изјавата на бугарскиот министер за внатрешни работи. Тој оцени дека изјавата не заслужува дополнително внимание и ги повика медиумите да не им даваат простор на ваквите настапи.

Во однос на здравствената грижа за повредените во пожарот во Кочани, Клековски најави дека тој и работната група подготвуваат планови кои наскоро ќе бидат објавени.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни