Недостигот од работна сила и намалувањето на наталитетот се предизвици што, според премиерот Христијан Мицкоски, може сериозно да се одразат врз македонската економија. Тој смета дека промовирањето на семејните вредности и поддршката за многудетните семејства треба да бидат меѓу приоритетите на државата.
„Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, за жал македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар“, истакна Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, дека до 2030 година на земјава годишно ќе ѝ бидат потребни 50.000 странски работници за да го задржи сегашното ниво на бруто-домашниот производ.
Одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на проектот за набавка на 100 нови амбулантни возила, премиерот оцени дека демографските предизвици бараат подлабока анализа. Тој потсети дека и претходно зборувал за фертилитетот и семејните вредности, но дека неговите ставови тогаш биле предмет на критики.
Мицкоски рече дека бројката од 50.000 странски работници годишно можеби е и потценета и дека во иднина може да се појави потреба од уште поголем број работници за да се зачува економската активност.
Како пример ги посочи земјите од Западна Европа, каде што, според него, се издаваат стотици илјади, па и милиони работни дозволи за мигранти со цел да се одржи економското ниво и да се обезбеди благ раст на номиналниот БДП.
Премиерот нагласи дека ќе продолжи да ги поддржува политиките за семејните вредности и многудетните семејства, без оглед на критиките. Според него, овие политики се важни за иднината на државата, отворањето нови работни места за домашните работници и зголемувањето на конкурентноста на македонската економија.