Приоритет на Фондот за здравствено осигурување во наредниот период ќе биде справувањето со кардиоваскуларните заболувања, кои се причина за 56% од смртноста во земјата. Сашо Клековски за 4tv.mk појасни дека воведувањето на поскапи и современи лекови на позитивната листа е директно поврзано со дигиталниот рецепт, бидејќи тој овозможува подобра контрола на трошоците.
„Мојот личен приоритет е да направиме промена во тоа што се наоѓа на позитивната листа. Во последната година и пол веќе поставивме 13 нови лекови,“ изјави Клековски за 4tv.mk. Дополнително, два онколошки лека се префрлени од болничка во аптекарска употреба за да им се олесни на пациентите од внатрешноста, кои досега мораа да патуваат до Скопје само за да ја подигнат терапијата. Директорот исто така потсети дека аптеките се законски обврзани да ги издаваат лековите на рецепт и дека квотите повеќе не постојат.
