Од 140 илјади административци вработени во јавниот сектор во Северна Македонија, над 21 илјада се Албанци. 1.507 сѐ уште чекаат да бидат систематизирани. Добиваат плата, но не одат на работа. Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Садула Дураку, во емисијата „Клик Плус“, рече дека веќе е донесена одлука за распоредување на 908 административци.
-Во овој ресор, во ова министерство, имаме 1.507 административци кои не се распоредени низ институции. Тие се вработени, но не се распоредени низ институции, а беа 3.000. Сега има владина одлука – 908 да бидат распоредени во сите институции-вели Дураку.
Експертот Аргетим Салиу, вели дека проблемот е кај методологијата на вработување.
-Во времето кога се формираше Секретаријатот, 2007-2008 година, се отвораа конкурси за 200 или 400 слободни работни места за во институции од системот. Значи, методологијата за вработувањето беше погрешна, бидејќи конкурсот се отвора само кога има потреба за работници, а не без претходен план каде тие би се вработиле-рече Салиу.
Од друга страна пак, политичкиот аналитичар, Алберт Муслиу, вината ја префрла на системот, кој како што вели, е политизиран и партизиран.
-Доколку имаме проблем со некој административец, кој не знае, е исто како да не нѐ сака, бидејќи не ни ја врши работата и ни предизвикува проблеми. Треба да има подобрување, бидејќи доколку нема подобрување кога станува збор за добар и квалитетен кадар, тие ќе си заминат, бидејќи младите кои се образовани не сакаат за едно вработување да преземат политичка одговорност. Не треба да биде така-изјави Муслиу.
Според Регистарот на јавниот сектор од 2018 година, 307 административци се вработени без образование, 10.015 само со основно, 38.373 со средно образование, а останатите се со додипломски и постдипломски студии.