Вработените од Клиничкиот центар половина час ја блокираа наплатната каса. Освен поништување на одлуката за покачување на паркингот, побараа и рамномерно зголемување на платите за сите медицински лица.
„Оваа одлука ја сфативме како почеток на трошење на тенкиот колач наречен планирано покачување од 5 до 10% на вработените во здравството за 2019 година. Убедени сме дека на овој начин тие 5 до 10% планирани покачувања ќе се потрошат и на крајот од 2019 година не само што ќе ги нема, туку ќе бидеме во минус“, вели Горан Беговиќ – претседател на синдикат на Клинички центар.
Додека медицинскиот персонал протестираше, пациентите се жалат. Велат им ги земале парите, а немало каде да се паркира. Сметаат дека паркирањето треба да биде бесплатно за сите.
Анкетираните граѓани велат:
-Скап е паркингот и нема каде да се паркираме. Парите ги земаат и нема место каде да се паркираме. Бесплатно треба да биде и за вработените и за пациентите а не да ги покачат паркинзите.
-Сега ми наплатија 25 денари, ако овде стоиш од 8 до 3 часот и ако ти наплатат 150 денари скапо е. Мене ми наплатија 25, мене ми е евтино, ама јас тука сум саат време.
-5 минути не сум седел ми наплатија 25 денари. Ајде парите ќе ги дадеш, ама нема место каде да ја ставиш колата. Еве се закачив веќе на дрвото.
Претставници од Синдикатот денеска се сретнале со министерот Венко Филипче, но не успеале да најдат заедничко решение. Нивните барања, како што им ветил тој, ќе ги пренесе до премиерот Заев.
Само неколку часа претходно, Филипче изјави дека по разговорот со градоначалникот Петре Шилегов, решението за проблемот со паркингот се гледа во изградба на две монтажни катни гаражи, едната кај Гинекологија, а другата кај хелиодромот. Пред неколку дена, во рамките на 22 седница, Град Скопје донесе одлука месечниот билет за паркинг за вработените да поскапи од 350 на 850 денари.
РЕПОРТЕР: ДАНЧЕ АЗМАНОВА
