Здружението на граѓани „16 Март 2025“ најави ново издание на „Маршот на ангелите“, кој ќе се одржи оваа сабота во Кочани, со цел да се оддаде почит на 63-те загинати и повторно да се побара вистина и правда.
Во својата објава, од здружението посочуваат дека 9 Мај – Денот на Европа и Денот на победата над фашизмот – е симбол на победата над неправдата и системите што го потценуваат човечкиот живот. Но, за нив, датумот има и дополнителна тежина, бидејќи 63 семејства и понатаму живеат со болка и тишина.
Маршот ќе започне во 17:05 часот, а собирот е закажан за 16:50 часот во Паркот на Револуцијата во Кочани.
„Ќе чекориме за нашите 63 ангели. За вистината. За правдата што предолго ја чекаме“, наведуваат организаторите.
Од здружението потенцираат дека нема вистинска победа над темнината додека институциите молчат, а одговорноста изостанува. Тие ги повикаа сите граѓани кои веруваат во правда, достоинство и човечност да им се придружат на маршот.
„Да покажеме дека нема да молчиме, дека не забораваме и дека 63-те ангели заслужуваат вистина, достоинство и правда“, порачуваат од „16 Март 2025“.
