„Ги чистам скалите од двата влеза. Парите ги делиме. Едниот дел е за сметките за струја, а другиот за син ми. Ретко му купувам нешто. Но, тој е мал и бара многу и се обидувам да одвојам пари за него. Алишта никогаш не му купувам. Луѓето ни помагаат. Оваа лулка ми ја подарија, а количка немам“, вели Зинете Џемаили.
По година и пол повторно се враќаме кај семејството Џемаили од Серава, Скопје. За разлика од последната посета кога на нивните лица видовме солзи и тага, овојпат од очите и од усните можеше да им се прочита само среќа. Започна работата за остварување на нивниот единствен сон – изградба на нова куќа. Домаќинката Зинета набљудува како се руши старата куќа и подготвува торбите за заедно со синот да се смести кај соседите, каде ќе престојуваат сѐ до вселувањето во новата куќа.
„Им благодарам на соседите кои ме примија, бидејќи немам пари за кирија, додека не биде завршена мојата куќа. Им благодарам на донаторите кои се погрижија за нас, на Здружението „Еуро Хуман“, како и на чичко Рахим кој се грижеше за нас. Пресреќна сум што ќе се гради нова куќа за нас. Само Господ знае како живеев тука.“, изјави Џемаили.
Мукадезе Идризи, претставничка на организацијата „Еуро Хуман“, ни раскажа за моментот кога Зинета отишла кај нив за да побара помош.
„Зинета ја запознав кога дојде кај нас за да побара помош. Ние како организација, на сиромашните семејства кои ќе дојдат им даваме пакети со храна, прехранбени производи и хигиенски средства. Потоа таа ми раскажа во каква состојба живее. Има мал син. Искрено, случајот на Зинета ме трогна“, рече Мукадезе Идризи од организацијата „Еуро Хуман“.
Организацијата „Еуро Хуман“, заедно со неколку донатори од Франција, се ангажираа за да ги соберат потребните средства за изградба на куќата.
„Денеска сум многу среќна што дојдовме до овој резултат. Денеска започна рушењето на куќата на Зинета Џемаили која живее во Серава. Ние како хуманитарна организација „Euro Human International”, ја покренавме иницијативата заедно со донаторите и сите оние кои веруваа во нашата работа. Сакам да нагласам дека Раиф Незири кој живее во Франција и кој има своја група, ни помогна за побрзо да ги собереме парите.“, изјави Идризи.
За тешката состојба на семејството Џемаили, ТВ21 објави сторија пред една година, а брзо потоа пред нивната врата пристигна разновидна помош, како во храна, така и финансиска.
Семејството им се заблагодари на сите хумани луѓе, кои им излегле пресрет во, како што велат, најтешките денови во нивниот живот.
Репортер: Африм Јонузи.
