Кои се навистина нашите предци: Нова студија неочекувано открива детали за вкрстувањето на хомосапиенс и неандерталци

Новите ДНК анализи на античките и модерните хомосапиенси покажаа дека неандерталците ги ширеле своите гени на луѓето пред околу 47.000 години, според истражувањето на Институтот за еволутивна антропологија Макс Планк во Лајпциг.

Новите наоди ја намалуваат временската рамка во која се случило вкрстувањето на видовите, за кое претходно се мислело дека се случило помеѓу 65.000 и 41.000 години, пренесува магазинот Science.

„Ова значи дека сите живи луѓе без неодамнешно африканско потекло потекнуваат од истата човечка популација што се вкрстувала со неандерталците во овој новоидентификуван период“, рече еволутивниот генетичар Кеј Пруфер, кој ја водел студијата.

Промените во ДНК на неандерталците во примероците на Хомосапиенс со текот на времето сугерираат дека повеќето од нашите гени наследени од неандерталецот настанале во еден период од пред 50.500 до 43.500 години, покажа друга студија.

„Нашата анализа покажува дека миграцијата надвор од Африка мора да завршила пред 43.500 години, а претходните бранови што се случиле пред 51.000 години можеби биле од поединци кои не придонеле за модерните неафрикански (Хомосапиенс)“, рече еволутивниот генетичар. Прија Мурјани од Универзитетот во Калифорнија во Беркли.

Некои гени наследени од неандерталците, вклучително и оние поврзани со пигментацијата, имунитетот и метаболизмот, станаа дел од ДНК на хомосапиенсот во само 100 генерации, откри тимот од Лајпциг.

Научниците ги испитувале остатоците од хомосапиенс и неандерталците пронајдени во Централна Европа, но и во Бугарија и Романија.

Неандерталците живееле од приближно 430.000 до изумирањето на видот пред околу 39.000 години, релативно брзо по ширењето на хомосапиенсот од Африка во областите во Европа и Азија, кои биле окупирани од неандерталците.

Претходните истражувања покажаа дека неандерталците биле интелигентни, создавале уметност и користеле сложени методи на групно ловење, пигменти за сликање на телото, симболични предмети, а можеби и говорен јазик.

Повеќето луѓе од неафриканско потекло денес имаат гени наследени од неандерталците, приближно еден до два отсто од нивната ДНК.