Кој ќе седне во Комисијата за антидискриминација: Од поранешни функционери до долгогодишни активисти

Собранието ќе одржи јавна расправа за утврдување на предлог-листата на кандидати за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Седум кандидати со различна професионална позадина – од правото и социјалната политика, до граѓанскиот активизам и здравството – влегуваат во трката за оваа важна позиција која гарантира еднаквост и заштита на човековите права.

Даниела Стојановска-Џинговска – Дипломиран дефектолог со повеќе од две децении искуство во јавниот и невладиниот сектор. Во моментов е советник на генералниот директор за ортопедски помагала во Фондот за здравствено осигурување. Таа е долгогодишен активист за правата на лицата со попреченост и поранешен претседател на Здружението на студенти и младинци со хендикеп.

Ирфан Лимани – Магистер по менаџмент на човечки ресурси и директор на Секторот за комуникации и административна поддршка во Фондот за здравствено осигурување. Со над 30 години искуство во јавниот сектор, Лимани има долгогодишна пракса во решавањето на административните бариери и унапредувањето на институционалната транспарентност.

Кире Василев – Познато име во сферата на антидискриминацијата, со оглед на тоа што веќе има искуство како избран член и претседател на КСЗД од 2021 до 2022 година. Магистрирал на студиите по труд, социјални движења и развој на престижниот Универзитет во Лондон (SOAS). Дополнително, работи како истражувач во повеќе граѓански и меѓународни организации.

Жаклина Дамческа – Поранешна членка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во периодот 2015-2018 година. По професија е адвокат и магистер по деловно право, со работно искуство како советник во Државното правобранителство во Прилеп. Нејзината биографија става акцент на владеењето на правото и интегритетот.

Усеин Елезоски – Правник и магистер по правни науки, вработен во Централниот регистар. Елезоски е истакнат граѓански активист од Дебар, каде преку здружението „Визија ЕУ“ работи на правно застапување на маргинализираните групи граѓани, со посебен фокус на ромската заедница пред државните институции.

Кадрије Мустафа – Дипломиран социјален работник со фокус на креирање политики за еднаквост. Моментално работи како помошник-раководител на Секторот за еднакви можности во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Мустафа е и членка на Националното координативно тело за следење на состојбите со недискриминација.

Миле Стојановски – Искусен правник со долгогодишен стаж во Министерството за труд и социјална политика и Министерството за економија и труд како државен советник. Има искуство и како државен трудов инспектор, а неговата експертиза е фокусирана на трудовото право и заштитата на работничките права. Учествувал во работната група за изготвување на Законот за спречување и заштита од дискриминација.