Македонија

Кој му овозможи на Игор Спасов да побегне? Спасовски: Обвинителство да поведе истрага за судија и обвинител

Бегството на Игор Спасов го налути министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по што и јавно побара одговорност од судија и обвинител кои дозволиле тој да го прекине издржувањето затворска казна. Побара јавно да кажат врз основа на што ја донеле таквата одлука.

Вината не може да се бара во МВР рече Спасовски и директно го повика јавниот обвинител да го истражи случајот за да се докаже дали има некаква поврзаност или корупција.  Конечно ваквите работи мора да се расчистуваат ако сакаме навистина да имаме држава што ќе ги остварува првичните интереси а тоа е да имаме правда во државата, истакна тој.

Го прашавме јавното обвинителство како ги коментира обвинувањата и дали ќе постапи по барањето на Спасовски да отвори истрага, но одговор не добивме. На телефонските повици не одговараа и од Штипскиот основен суд, кој е надлежен за случајот на Игор Спасов. Од овој суд пред неколку дена објавија соопштение во кое наведоа дека одлуката за прекин на издржувањето на казната ја донеле по претходна консултација со Јавното обвинителство.

Игор Спасов пред повеќе од две недели е недостапен за полицијата и по него МВР распиша национална и меѓународна потерница. Спасов е осуден на 14-годишна затворска казна за убиството на Мартин Нешковски. По 7 години поминати во затвор на негово барање му беше прекинато издржувањето на казната за лекување уште пред 14 месеци. Но по истекот на рокот кој му беше даден за лекување, тој не се врати во затворот во Идризово.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни