Врз основа на оцената на постојните економски и финансиски услови, како и на постоечките ризици, Комитетот оцени дека постои простор за натамошно олабавување на монетарната политика. На седницата беше донесена одлука за намалување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, односно од 2,75% на 2,50%. Понудата на благајнички записи за аукцијата којашто ќе се одржи на 12 декември e задржана на нивото од 25.000 милиони денари.
Намалувањето на каматната стапка е одраз на натамошните поволни движења на девизниот пазар, коишто упатуваат на солидна надворешна позиција и стабилни очекувања на економските субјекти. Поволни се и поместувањата во депозитната база на банките, што исто така е сигнал за стабилни очекувања и доверба. Општо земено, и на оваа седница, Комитетот ги задржа досегашните согледувања за здрави економски основи и отсуство на нерамнотежи.
Банките ги регулираа краткорочните флуктуации кај денарската ликвидност во текот на ноември преку пласирање во расположливите депозити преку ноќ кај НБРМ, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречена кредитна поддршка на домашните економски субјекти.
На седницата беше заклучено дека согласно со тековните економски и финансиски услови, согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се нешто поповолни од претходно, што укажува на тоа дека постои простор за натамошно олабавување на монетарната политика. Ова, пред сѐ се однесува на девизниот пазар, каде што движењата и натаму се поволни, како одраз на подобрата девизна позиција на корпоративниот сектор, но и поволните движења на менувачкиот пазар. Сепак, останува констатацијата за и натаму присутни ризици и од домашното и од надворешното окружување, коишто можат да ги променат поволните трендови. НБРМ и натаму внимателно ќе ги следи трендовите во следниот период во контекст на поставеноста на монетарната политика.
