Копиите на „Дубаи чоколадо“ опасни по живот – предупредување до купувачите во Велика Британија

Купувачите во Велика Британија се предупредени да внимаваат при купување на популарниот десерт познат како „Дубаи чоколадо“, поради потенцијален ризик за здравјето. Агенцијата за безбедност на храната на Велика Британија (FSA) алармира дека на пазарот се појавиле копии на слаткото што можат да содржат опасни и забранети состојки.

„Дубаи чоколадо“ – десерт кој комбинира ф’стаци и крцкаво катаифи тесто, е оригинално дело на британско-египетската чоколатерија Сара Хамуда, со седиште во Дубаи. Производот стана вирален минатата година, но новите неовластени копии, според FSA, се сомнителни по потекло и често доаѓаат без соодветно означување.

Анализите покажале дека некои од примероците содржат забранети прехранбени бои (недозволени во ЕУ и Велика Британија), токсини од мувла и дури и супстанции што можат да предизвикаат рак. Особена опасност постои за лица со алергии, бидејќи некои од производите не содржат коректна информација за потенцијалните алергени.

FSA ги советува потрошувачите да:

купуваат исклучиво од проверени и доверливи продавачи

ги читаат внимателно етикетите

обрнуваат внимание дали има етикета на англиски јазик

проверат дали пакувањето има адреса на дистрибутер во Велика Британија или ЕУ

Најтешката можна последица е анафилактички шок – животозагрозувачка состојба која може да доведе до респираторен застој и смрт ако не се реагира веднаш. Симптомите вклучуваат вртоглавица, потешкотии во дишењето, забрзана работа на срцето и губење на свеста.

Особено ранлива категорија се децата со алергии, а експертите предупредуваат дека многу родители не се доволно подготвени за итни случаи.

Властите апелираат на зголемена претпазливост, особено во периодот кога ваквите десерти се сè почести на пазарите и интернет-продажбата.