Македонија

Кошта утре пристигнува на средба со Мицкоски

Кошта утре пристигнува на средба со Мицкоски

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, оваа недела започнува нова регионална турнеја низ Западен Балкан посветена на проширувањето на Европската унија и зајакнувањето на соработката со земјите од регионот.

Како што информираат од Канцеларијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје, посетата ќе трае од денеска до 5 јуни и ќе опфати средби со лидерите од сите шест партнери од Западен Балкан, како и учество на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, Црна Гора. Темите на разговор ќе бидат проширувањето на ЕУ, постепената интеграција, регионалната соработка, безбедноста и стабилноста.

Кошта порача дека неговата посета испраќа силен политички сигнал. „Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал: посветеноста на ЕУ кон регионот е реална, исто толку реална колку и можноста за проширување. Моментумот е тука. Сега е време да се испорачуваат резултати“, изјави тој.

Турнејата започнува во Сараево, по што на 2 јуни Кошта ќе престојува во Тирана, а истиот ден ќе пристигне во Скопје, каде што ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски. Во среда ќе ја посети Приштина, во четврток Белград, а турнејата ќе ја заврши во Црна Гора.

На 5 јуни, Кошта ќе биде копретседавач на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, чија централна тема е „Заедничкиот просперитет и стабилност на Европската унија и Западен Балкан“.

Во пресрет на посетата, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува разговори за надминување на пречките во евроинтеграциите на земјата, кои ги оцени како „вештачко билатерално прашање“.

Тој нагласи дека позициите на државата остануваат непроменети и дека ќе се бара решение кое нема да го наруши достоинството на македонскиот народ и граѓаните. Мицкоски повтори дека нема простор за дополнителни отстапки на идентитетско ниво, додавајќи дека земјата „дала премногу во изминатите децении, а добила малку за возврат“.

Премиерот посочи дека разговорите со Кошта досега биле конструктивни и пријателски, и изрази очекување дека и оваа посета ќе придонесе за размена на идеи за надминување на спорните прашања.

Тој оцени дека сегашната состојба е резултат на претходни политички одлуки, но нагласи дека Владата ќе продолжи да бара решение кое ќе биде прифатливо и нема да ги загрози националните интереси.

„Не сме подготвени да влеземе во нова авантура без јасен крај на процесот“, порача Мицкоски.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни