Србија и официјално испратила барање за екстрадиција на поранешниот член на ОНА, Томор Морина, кој пред неколку дена беше уапсен на граничниот премин Блаце. Од Министерството за правда велат дека в понеделник барањето на Србија ќе биде доставено во судот, надлежен за случајот. Околу екстрадицијата на Морина, во ексклузивно интервју за ТВ21 говореше амбасадорот на Косово во земјава, Ѓерѓ Дедај. Според него, не смее да има екстрадиција, бидејќи како што вели, може да дојде до нарушување на меѓудржавните односи меѓу Косово и Северна Македонија.
-Сепак, потсетувам дека неговата екстрадиција целосно се коси со човековите права и е незаконска и неприфатлива. Не треба да се случи, бидејќи можното екстрадирање веќе нема да биде на лична штета на Томор Морина, туку може да има последици врз меѓудржавните односи меѓу Република Косово и Република Северна Македонија. Не би сакале ваквите случаи да влијаат за можно нарушување, за кое, ние како Косово, воопшто не сме заинтересирани-рече амбасадорот Дедај.
Дедај вели дека веднаш штом ја примил веста за апсењето на Морина, го прекинал одморот и допатувал во Скопје. Уверува дека амбасадата е максимално ангажирана околу случајот.
-Првин контактиравме со Министерството за правда, потоа и со Владата, а лично се сретнав и со шефот на Кабинетот, односно советникот за надворешна политика кај премиерот Заев-изјави Дедај.
Косовскиот амбасадор додава дека двајца дипломати од амбасадата го посетиле Морина, а најави и дека тој лично ќе се сретне со него.
РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ