Костадинов: Ги демантираме големите лаги од ВМРО ДПМНЕ, за невистините ќе поднесеме и тужби

Костадин Костадинов, пратеник на СДСМ во Собранието, одржа прес конференција на која остро ги демантираше зборовите искажани од страна на генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ Игор Јанушев кој кажа дека негови пратеници имале понуди во милиони евра за да ги поддржат уставните измени.

„Антизападното, антинародното, антимакедонското раководство на ВМРО ДПМНЕ покажува нервоза и лаже. Најостро ги демантираме лагите дека претставници од мнозинството вршеле некаков притисок, или, пак, на било кој пратеник им се нудени пари, или дека некој им се заканувал или уценувал.

За изнесените невистини ќе поднесеме и тужби. Овие големи лаги измислени од антизападното раководство на ВМРО ДПМНЕ во клучни моменти за иднината, ќе мора да ги докажат на суд. Ваквото однесување на Мицкоски и раководството ги помина сите граници. Ова е нездраво, ненормално, особено за човек кој е генерален секретар на најголемата опозициска партија.

Очигледно е дека не се бираат средства преку кои ќе се блокира иднината на Македонија. Уште еднаш да им порачаме дека нема да успеат. Мицкоски и Груевски немаат љубов кон Македонија, тие љубат само криминал. Ти се за сиромаштија, конфликт, криминал“, рече Костадинов.

Извор: ТВ21