„Апсолутно без преседан, Ѓуров им забрани на пратениците од „Възраждане“ да влезат во Министерскиот совет и на мене како претседател на пратеничката група да присуствувам на Советот за безбедност. Она што се случува е многу сериозна закана за националната безбедност, која е предизвикана од политиката на претходната влада и продолжува со сегашната влада, бидејќи разлика нема“, изјави лидерот на „Възраждане“ Костадин Костадинов.
„Имаме информации дека аеродромот во Софија ќе се користи како логистичка поддршка за операциите против Иран. Не можеме да бидеме 100% сигурни“, додаде Костадинов.
На прашање од каде ги има овие информации, тој изјави дека се од службите и од раководството на воздушниот сообраќај.
„Аеродромот во Софија станува легитимна воена цел за Иран, кој во моментов возвраќа на ударите. Иран беше нападнат од Израел, но тој возврати со напади врз американски бази во Обединетите Арапски Емирати, во Бахреин, во Катар и во Саудиска Арабија, што покажува дека во состојба на војна во која се наоѓа, Иран ќе одговара на сите форми на закани по неговата безбедност“, изјави Костадинов.
Тој додаде дека тоа значи дека аеродромот во Софија и самата престолнина „евентуално“ би можеле да станат цел на бомбардирање.
Денеска од 13 часот, вршителот на должноста премиер Андреј Гјуров свика седница на Советот за безбедност, на која треба да се разгледа ситуацијата на Блискиот Исток.
„Овој окупациски совет кој во моментов заседава „зад затворени врати“ се плаши од тоа да присуствува претставник на „Възраждане“, посочи Костадин Костадинов.
Тој додаде дека премиерот ги прекршил неговите права како пратеник, иако, како што рече, има право да присуствува во секоја државна или општинска институција.
„Тоа е окупација на власта во државата од страна на една група самозаборавени лица“, додаде тој.
Костадинов изјави и дека „Възраждане“ планираат да повикаат граѓани на протест против „окупациската влада“.
