Македонија

Крај на исплатите во готовина? Се подготвуваат измени за брзите кредити!

Крај на исплатите во готовина? Се подготвуваат измени за брзите кредити!

Зајакнување на надзорот врз финансиските друштва и поголема заштита на корисниците на брзи кредити се дел од новите законски измени што ги подготвува Министерството за финансии.

Според најавите, во тек е изработка на измени на Законот за финансиските друштва, со кои ќе се воведат нови механизми за контрола, транспарентност и управување со ризиците во овој сектор.

Една од клучните новини е формирањето задолжителни внатрешни тела во финансиските друштва, меѓу кои одбори за ревизија и за кредитен ризик. Дополнително, се предвидуваат и построги критериуми за отворање нови деловни простории и проширување на работењето.

Со законските измени ќе се зголеми и минималната основна главнина што треба да ја поседуваат финансиските друштва, со цел да се обезбеди поголема финансиска стабилност и сигурност во нивното работење.

Предвидена е и значајна промена во начинот на исплата на кредитите. Наместо во готовина, средствата ќе можат да се исплаќаат исклучиво преку банкарска сметка, што треба да придонесе за поголема следливост и контрола на трансакциите.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска посочува дека предложените мерки се резултат на извршени контроли во секторот, при кои биле констатирани одредени слабости и неправилности во работењето на дел од финансиските друштва.

Во некои случаи, како што наведува таа, надлежните институции презеле конкретни мерки, вклучително и одземање лиценци за работа.

Од Министерството за финансии истакнуваат дека крајната цел на измените е да се обезбеди повисоко ниво на заштита за граѓаните, да се зголеми довербата во финансискиот сектор и да се воспостават повисоки стандарди за работа на компаниите кои нудат брзи кредити.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни