Крај на солзите: Научниците конечно го открија најдобриот начин за сечење кромид

Готвачите веќе споделија безброј трикови за избегнување солзи при сечкање кромид – од ладење на кромид во фрижидер и носење заштитни очила до поставување парче леб до даската за сечење за да се апсорбира лутината што доаѓа од кромидот и ги иритира нашите очи.

Но, научниците од Универзитетот Корнел можеби конечно го открија најдобриот, научно докажан начин за спречување на солзи. Според труд објавен на arXiv, користењето остар нож со бавно, контролирано сечење се чини дека е најефикасниот начин за намалување на солзите при сечкање кромид.

Остар нож и бавно сечење

Кога кромидот се сече, се ослободува соединение познато како син-пропантиал-S-оксид, кое ги активира нервите одговорни за производство на солзи. Затоа, тим физичари одлучи да проучи како се ослободува ова соединение со визуелизација и мерење на ослободувањето на капките за време на процесот на сечење.

За да помогнат во следењето на ова, истражувачите го испрскаа кромидот со црна боја во спреј, што им овозможи појасно да го видат испарувањето за време на сечењето. Тие поставија камера со голема брзина и почнаа да сечат.

Користејќи сечило изработено по нарачка, тие истражувале брзини на сечење од 0,4 до 2 метри во секунда и дебелина на сечилото од 5 до 200 милиметри. Тие откриле дека потенките, поостри сечила кои се движат побавно и со помала енергија ослободуваат значително помалку капки. Од друга страна, подебелите, тапи сечила предизвикуваат вистинска експлозија на честички кои можат директно да ги погодат очите.

Поточно, тапите ножеви ја свиткуваат лушпата од кромид пред да ја исечат, создавајќи притисок што потоа резултира со посилно ослободување на сок. Тапите ножеви произведувале до 40 пати повеќе честички од острите, додека побрзото сечење резултирало со до четири пати повеќе капки од побавното сечење.

Научниците, исто така, тестирале кромид кој бил во фрижидер 12 часа и откриле дека таков кромид ослободува „значително поголем волумен“ на капки во споредба со кромидот на собна температура – со што се побива еден од најраспространетите совети.