Во италијанскиот парламент денеска беше претставен предлог-закон за забрана на традиционалните туристички кочии со коњска запрега, познати како „ботичели“ (botticelle). Иницијативата на италијанските опозициски партии бара укинување на членот од Законот за безбедност во сообраќајот кој во моментов дозволува користење на кочии што ги влечат животни, пишува Еуроњуз (Euronews).
Целта на предлог-законот е да се воведе експлицитна забрана за користење на животни за влечење возила во јавниот превоз, што вклучува и возења за туристички, рекреативни и церемонијални цели. Пратениците кои стојат зад предлогот сметаат дека досегашните градски одлуки за ограничување на работното време и движењето на кочиите не се доволни.
„Мораме да донесеме национален закон кој ќе ги укине ‘ботичелите’ и запрегите во градовите“, изјави на прес-конференција Патриција Престипино, пратеничка од партијата ПД и римска комесарка за благосостојба на животните. таа објасни дека здруженијата за заштита на животната средина со години предупредуваат дека денешните градски улици не се соодветни за животни и дека екстремните температури и вжештениот асфалт им создаваат проблеми на коњите.
Поддршка од градската управа на Рим
Поддршка за иницијативата пристигнува и од римската градска управа. Роко Фераро, градски советник задолжен за животна средина, за август ја покрена кампањата „Пеш е поубаво“ во главните туристички зони. Информативните материјали се подготвени на италијански и на англиски јазик.
„Во 2026 година, коњските запреги во срцето на метрополата се пракса која ѝ припаѓа на минатото, а не на иднината“, порача Фераро, додавајќи дека го поддржува предлог-законот и се надева дека Парламентот ќе донесе мерка која трајно ќе го прекине користењето на коњи за туристички превоз.