Кремљ денеска соопшти дека рускиот претседател Владимир Путин ја поддржува дипломатијата и разговорите за тензиите околу Украина и додаде дека Москва смета дека е позитивен знак за подготвеноста на американскиот претседател Џо Бајден да разговара, пренесоа Ројтерс и АФП.
Претстојните разговори ќе бидат доста тешки и ќе бараат „голема флексибилност од двете страни, политичка волја“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според Русија, тие треба да доведат до промена на безбедносната структура во Европа.
Кремљ, исто така, го поздрави директното обраќање на Бајден до руските граѓани, но истакна дека ќе беше уште подобро ако тој ги повикаше Украинците да престанат да пукаат едни кон други.
Москва го опишува конфликтот во источна Украина како граѓанска војна, додека Киев и Западот веруваат дека Русија им помага на сепаратистите со своите копнени сили, потсетува Ројтерс.
Кремљ, исто така, ја негираше одговорноста за сајбер нападите врз украинското Министерство за одбрана и две банки, но додаде дека не е изненадено што Киев ја обвини Москва.