Рускиот претседател Владимир Путин планира патување во соседна Северна Кореја откако доби покана од Пјонгјанг, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, цитиран од ДПА.
„Се надеваме дека посетата ќе се случи и дека рускиот претседател ќе оствари посета во догледна иднина“, рече портпаролот.
По раздорот во односите на Западот со Москва по почетокот на целосната руска инвазија на Украина во февруари 2022 година, Русија се обрати за поддршка кон меѓународно изолираната Северна Кореја, соопшти ДПА.
Путин минатата есен се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун во Русија, кога се верува дека двајцата лидери разговарале за испорака на оружје од Пјонгјанг во Москва.
Во моментов, севернокорејската министерка за надворешни работи Чое Сон Хуи е во тридневна посета на Москва, каде се планирани разговори со нејзиниот руски колега Сергеј Лавров. Песков рече дека не е исклучена средба меѓу севернокорејскиот прв дипломат и Путин.
Речиси 50 земји неодамна го осудија снабдувањето со севернокорејски ракети на Русија и нивната употреба против Украина, јави ДПА. Набљудувачите веруваат дека двете земји се обидуваат да ја прошират меѓусебната трговија со оружје, и покрај критиките.