Македонија

Кривичен суд ги проверува медицинските белешки на Јакимовски, осуденикот бара одложување на затворот поради болест

Кривичен суд ги проверува медицинските белешки на Јакимовски, осуденикот бара одложување на затворот поради болест

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевче Јакимовски, кој треба да одлежи затворска казна за кривичното дело „Бесправно градење“, поднел барање за нејзино одложување поради здравствени причини. Основниот кривичен суд Скопје информира дека судијата за извршување санкции веќе покренал постапка за темелна проверка на приложената медицинска документација.

Според информациите од Судот, барањето од Јакимовски (во судското соопштение посочен со иницијалите С.Ј.) е поднесено на 12 јуни 2026 година, откако претходно веќе му бил издаден упатен акт за спроведување во затвор. Пресудата за поранешниот градоначалник е за дело по член 244-а став 1 од Кривичниот законик, а истата е правосилно потврдена со одлука (КОКЖ 110/25) на Апелациониот суд Скопје.

„По приемот на барањето, судијата веднаш пристапи кон проверка. До двете приватни здравствени установи кои ја издале документацијата поднесени се барања за проверка на 15 јуни, како и ургентно барање на 26 јуни 2026 година. На овие барања сè уште се чека одговор за да може да се донесе соодветна одлука“, соопштуваат од Кривичниот суд.

Од Судот појаснуваат дека, согласно член 144 од Законот за извршување санкции, законскиот рок за судијата да ги провери наводите и да донесе одлука е 30 дена од приемот на барањето. Во меѓувреме, додека не се донесе конечната одлука од страна на судијата, почетокот на издржувањето на казната на ексградоначалникот автоматски се одлага.

Од Основниот кривичен суд порачуваат дека постапуваат доследно според законските одредби, почитувајќи ги правата на странките во постапката, и најавуваат дека јавноста ќе биде навремено известена за сите понатамошни одлуки поврзани со овој случај.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни