Македонија

Кривична пријава за злоупотреба на службената положба против две службенички од Општина Струмица

Кривична пријава за злоупотреба на службената положба против две службенички од Општина Струмица
Фото: 4news.mk

СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против две службени лица од Струмица поради сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ согласно член 353 став 1 од Кривичниот законик.

Пријавени се С.Р.(38), раководител на Секторот за урбанизам, комунални работи и градежно земјиште при Општина Струмица, и С.О.(61), овластен градежен инспектор во општината.

Според пријавата, првопријавената, во својство на раководител на сектор, ги пречекорила службените овластувања со тоа што издала Одобрение за надградба на станбена куќа, иако претходно од страна на општинската градежна инспекција било донесено Решение за отстранување.

Како што информираат од полицијата, одобрението било издадено без претходно да се побараат официјални податоци и документација поврзани со состојбата на градбата и евентуалните неправилности утврдени од инспекциските служби. Во документот, според пријавата, таа се потпишала и во полето предвидено за градоначалник.

Второпријавената, според сомненијата, не постапила согласно Законот за градење откако и било презентирано издаденото одобрение за надградба. Наместо да поднесе предлог за поништување на одобрението доколку утврди незаконитости, таа при контролен инспекциски надзор констатирала дека неправилностите повеќе не постојат, ја прекинала постапката и го поништила претходно донесеното решение за отстранување на бесправно изградената доградба.

Од МВР посочуваат дека со ваквите постапки пријавените овозможиле легализација на доградбата, при што на правното лице – инвеститор му било овозможено да стекне противправна имотна корист преку продажба на бесправно доградените станбени површини.

По целосно документирање на случајот, надлежните институции ќе продолжат со понатамошно постапување.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни