Управата за финансиска полиција до Основно јавно обвинителство за организиран криминал и корупција поднесе кривични пријава против поранешните министри за образование Никола Тодоров и Панче Кралев, но и за уште две други лица.
Министрите се товарат дека не го испочитувале Законот за јавни набавки и договорот со изведувачот Конструктор Инженеринг АД Сплит во врска со реконструкцијата и адаптацијата на Домот на АРМ во Охрид за потребите на Универзитетот за информатички технологии, а со тоа го оштетиле државниот буџет за речиси 80 илјади евра.
Пријавените, како што велат од Финансиска полиција, и покрај тоа што биле свесни и запознаени за ненавременото извршување на работите од страна на изведувачот во текот на 2009 година не презеле активности за активирање и наплата како и не побарале продолжување на рокот за важност на банкарската гаранција за добро извршување на работите пред истекот на нејзината важност, спротивно на Законот за јавни набавки и договорот со изведувачот.
Со неизвршување на службената должност го оштетиле државниот буџет, односно буџетот на Министерството за образование и наука за 4,7 милиони денари.
