Кривичниот суд во Скопје минатата недела донел ослободителна пресуда за новинарот Драган Павловиќ-Латас и јутјуберот Стефан Лазаров во случајот поврзан со подкастот каде низ смеење се раскажуваше за злоставување и силување девојка.
Спорниот подкаст беше емитуван на 14 февруари 2023 година, а во него Латас зборуваше за наводен настан од минатото, додека водителот Лазаров не го прекина разговорот и со коментари го поттикнуваше да продолжи со раскажувањето. Содржината предизвика силни реакции во јавноста, по што подкастот беше отстранет од Јутјуб.
Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против двајцата за кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“, со образложение дека преку содржината се промовира насилство врз жени.
Во првото судење беше изречена осудителна пресуда, но Апелациониот суд Скопје ја укина и предметот го врати на повторно судење. Во повторената постапка, судијата донел ослободителна пресуда, а обвинителот Даниел Коцев најавил жалба до Апелација, пишува СДК.мк.
Интервјуто во јавноста беше остро осудено од граѓански организации и медиумски здруженија, кои оценија дека ваквите содржини придонесуваат за нормализирање на родово базираното насилство.
