Крузер со околу 800 патници позитивни на Ковид-19 утринава заплови во Сиднеј, Австралија.
Бродот „Majestic Princess“ со околу 4.600 патници и членови на екипажот се врати од Нов Зеланд по 12-дневно крстарење, а „Скај њуз“ известува дека околу 20 отсто од луѓето на тој брод за крстарење се заразени со коронавирус.
„Потврдени се најмалку 800 случаи на инфекција со Ковид-19, а повеќето од нив се патници“, објави истиот извор, цитирајќи ја Маргерит Фицџералд, претседателка на компанијата Carnival Australia.
Таа рече дека повеќето од заразените имаат благи симптоми и дека се изолирани во нивните кабини.
Австралиските власти им дозволија на патниците кои беа позитивни на коронавирусот да се симнат од бродот по нивното пристигнување и ги советуваа да не земаат јавен превоз до дома.
„Работиме со сите поединци кои се позитивни на Ковид-19 за да им помогнеме да пристапат до приватен превоз и сместување за да го завршат нивниот период на изолација“, рече Фицџералд.
Австралиската држава Нов Јужен Велс веќе се справува со нов бран на Ковид-19, со 974 пациенти во болниците и повеќе од 7.000 потврдени случаи во изминатите седум дена.