Пазарот на трудот во Македонија забележа раст и во 2024 година, со зголемување на бројот на вработени во споредба со претходната година. Преработувачката индустрија, трговијата и земјоделството остануваат трите клучни сектори кои апсорбираат најголем дел од работната сила во државата, покажуваат официјалните податоци од Анкетата за работната сила на Државниот завод за статистика.
Бројот на вработени зголемен за 0.9%
Според податоците, просечниот број на вработени лица во 2024 година изнесувал 694.506. Оваа бројка претставува зголемување за 6.210 лица, или 0.9%, во споредба со 2023 година, кога биле евидентирани 688.296 вработени.
Истовремено, бројот на невработени лица се намалил од 103.351 во 2023 година на 98.273 во 2024 година, со што стапката на невработеност се намалила од 13.1% на 12.4%.
Каде се најмногу, а каде најмалку вработени?
Анализата на вработеноста по сектори на дејност за 2024 година ја дава следната слика:
Сектори со најголем број на вработени:
- Преработувачка индустрија: 137.626 вработени
- Трговија на големо и трговија на мало: 105.731 вработени
- Земјоделство, шумарство и рибарство: 62.287 вработени
Сектори со најмал број на вработени:
- Рударство и вадење на камен: 6.369 вработени
- Снабдување со електрична енергија, гас и пареа: 7.792 вработени
- Снабдување со вода и управување со отпад: 12.016 вработени
