Македонија

Левица ги собра потписите, иницијативата за референдум утре кај Џафери

Левица ги собра потписите, иницијативата за референдум утре кај Џафери

Левица утре ќе ја достави до претседателот на Собранието Талат Џафери иницијативата за референдум откако вчера ја заврши постапката за собирање на иницијалните потписи. Според информации од партијата, собрани се повеќе од 150 потписи а првопотпишан на иницијативата е претседателот на Левица Димитар Апасиев.

Прашањето за кое Левица бара да се распише референдум гласи: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година“. Претходно Апасиев изјави дека иницијативата е за распишување на задолжителен дополнителен референдум.

Од партијата велат дека не очекува проблеми како со иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ. Левица најави целосна блокада на Собранието, доколку претседателот на Собранието Талат Џафери ја одбие и оваа Иницијатива.

Откако Џафери ќе ја добие и разгледа иницијативата ќе треба да се произнесе дали таа е уредна.

Доколку таа добие „зелено“ светло, тогаш тој треба да ја проследи до Законодавно-правната комисија и матичната комисија, а тие треба да се изјаснат за нејзината уредност во рок од два работни дена, согласно член 191 став 2 од Деловникот на Собранието.

Ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е уредна, за тоа го известува овластениот предлагач, во случајов Левица во рок од три дена од добивањето на мислењето од работните тела.

Согласно член 192 став 2, ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата се става на дневен ред на првата наредна седница. Собранието со заклучок утврдува дали иницијативата е уредна. Претседателот на Собранието го известува овластениот предлагач за заклучокот на Собранието во рок од три дена.

Претходно, иницијативата за референдум за престанок на важењето на Законот за ратификација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија што ВМРО-ДПМНЕ ја достави до Собранието на 9 септември беше отфрлена од страна на Џафери со образложение дека е противуставна и оти меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни