Бунтовничките војници кои денеска извршија државен удар во Габон објавија дека претседателот на таа земја Али Бонго Ондимба е во домашен притвор.
Во соопштението, кое го пренесе државната телевизија, се додава дека под различни обвиненија се уапсени и други лица од властите.
„Распуштени се сите институции, Владата, Сенатот, Националното собрание, Уставниот суд. Го повикуваме населението да остане смирено и да ја потврди нашата посветеност за почитување на обврските на Габон кон меѓународната заедница“, изјави претставник на групата војници.
Соопштението за државен удар следеше непосредно по објавувањето на официјалните резултати од претседателските избори, на кои актуелниот претседател Али Бонго Одимба, кој беше на власт 14 години, го освои третиот мандат со 64,27 отсто од гласовите.
Неколку минути по објавата се слушна пукање во центарот на главниот град Либревил. Подоцна, десетина униформирани војници се појавија на државната телевизија и објавија дека ја презеле власта.
Маси луѓе излегоа на улиците на градот за да го прослават крајот на владеењето на Бонг, пеејќи ја националната химна заедно со војниците.
Габон е член на нафтениот картел на ОПЕК, со производство од околу 180.000 барели сурова нафта дневно, што го прави осми најголем производител на нафта во субсахарска Африка. Во него живеат повеќе од 2 милиони луѓе. Тоа е поранешна француска колонија.
Бонго побара трет мандат на изборите овој викенд. Тој веќе отслужи два мандати откако дојде на власт во 2009 година, по смртта на неговиот татко, кој владееше со земјата 41 година. Друга група бунтовнички војници направи обид за државен удар во јануари 2019 година, додека Бонго беше во Мароко и се опоравуваше од мозочен удар, но тие беа брзо поразени.
