Свет

Литванскиот претседател: Имаме разузнавачки сознанија дека Русија планира напади врз инфраструктура, но не е познато кога и каде

Литванскиот претседател: Имаме разузнавачки сознанија дека Русија планира напади врз инфраструктура, но не е познато кога и каде

Литванија располага со разузнавачки информации дека Русија планира напади врз инфраструктура, поради што како превентивна мерка ќе бидат засилени безбедносните мерки околу енергетските и транспортните објекти, изјави претседателот Гитанас Науседа, цитиран од Ројтерс.

Во денес објавено интервју за новинската агенција „Балтик Њуз Сервис“, Науседа рече дека нема информации кога и каде би можеле да се случат евентуалните напади, ниту пак изрично посочи дека цел би била неговата земја. „Имаме такви сигнали што ги добиваме од нашите разузнавачки служби. Тие не го посочуваат јасно местото или времето, затоа што противникот сè уште не го завршил планирањето, а ние знаеме само за намерите и целите“, изјави литванскиот претседател.

„Може да станува збор за различни средства насочени кон физичко оштетување на критичната инфраструктура… сè што би го прекинало функционирањето на тие објекти“, додаде Науседа.

Литванија, членка на НАТО која граничи со рускиот ексклав Калининград и со сојузникот на Москва Белорусија, ги утрои расходите за одбрана по руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Соседна Полска овој месец соопшти дека западните разузнавачки служби се загрижени поради ризик од руски напади врз нејзината територија и врз балтичките држави. Москва редовно ги отфрла обвиненијата дека планира или изведува саботажи и други напади против држави освен Украина, тврдејќи дека ваквите извештаи се дел од антируска пропагандна кампања, забележува Ројтерс.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни