Локални зголемувања на водостоите: УХМР издаде предупредување поради врнежите

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека во текот на изминатата ноќ во целата земја имаше повремени врнежи од дожд, со послаб интензитет и со прекини. И денеска се очекуваат слаби врнежи, кои поради заситеноста на почвата со влага, ќе предизвикаат локални зголемувања на водостоите на реките и појава на заезерувања на водата.

Според УХМР, особено внимание се советува во горниот дел од сливот на реката Вардар, каде водостојот сеуште е висок и постои можност за локални заезерувања. Слична ситуација се очекува и во сливот на реката Црна, во Струмичката котлина, во Струшкото поле и на останатите рамничарски подрачја.

Иако денешните врнежи не се очекуваат да бидат обилни, тие сепак можат да предизвикаат покачувања на водостоите на помалите реки и суводолиците низ земјата. УХМР предупредува на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денот.