Македонија

Лошо толкување на зборовите на амбасадорот – француската амбасада реагира за „паралелните процеси“

Вчерашната изјава на францускиот амбасадор во Скопје, Кристијан Тимоние – дека некои процеси на ЕУ можат да се водат паралелно, како што внатрешното реформирање на унијата и новата преговарачка методологија, предизвика многумина да помислат дека Франција попушта кон Скопје и Тирана за добивање датум за преговори.

Запрашан од новинарите, во замката на оваа изјава на Тимоние, денес падна и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

„Она што го вели амбасадорот е важно доколку комисијата не обезбеди консензус за методологијата, што значи дека ние во март можеме да добиеме датум, независно дали ќе има нова методологија. Ова е ставот на францускиот амбасадор“, истакна Бујар Османи.

Но, не е така. Од француската Амбасада во Скопје, вчерашната изјава на амбасадорот ја нарекоа лошо толкување, разјаснувајќи дека амбасадорот сакал да каже дека преговорите можат да почнат само кога ќе се усвои методологијата.

„Кога ќе се усвои методологијата, преговорите би можеле да започнат, додека во исто време Унијата успешно ќе ги заврши своите реформи, што ќе ѝ овозможи да го разгледа влезот на нови земји-членки, во услови кога самата Унија ќе располага со обновен и ефикасен процес на одлучување“, велат од Амбасадата на Франција во РСМ.

На 5-ти февруари се очекува Комисијата да ја објави новата Методологија, а на 26-ти март Европскиот совет да донесе одлука за датум за Скопје и Тирана.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни