Европскиот авио-сектор се соочува со сериозен притисок поради поскапувањето на горивото, што веќе носи конкретни последици врз бројот на летови и цените на билетите. Во такви услови, германскиот авиопревозник Луфтханза презема драстични мерки за намалување на трошоците.
Како што објави Фајненшл Тајмс, компанијата ќе откаже околу 20.000 летови во периодот од мај до октомври, со цел да заштеди гориво. Веќе од понеделник се укинати приближно 120 летови дневно, а најавено е и кратење на непрофитабилните рути од Минхен и Франкфурт до крајот на летната сезона.
Од компанијата соопштуваат дека со овие намалувања ќе се заштедат околу 40.000 метрички тони авионско гориво, чија цена, според нив, значително пораснала од почетокот на конфликтот во Иран. Точниот летен распоред се очекува да биде објавен кон крајот на април или почетокот на мај.
Овие чекори биле потврдени и на состанок на европските министри за транспорт, каде се разговарало за можни мерки за спречување недостиг на авионско гориво. Според предупредувањата на International Energy Agency, Европа располага со резерви доволни за околу шест недели.
Во меѓувреме, Европската унија разгледува алтернативни решенија, меѓу кои набавка на гориво од САД и можност авиокомпаниите да преземаат поголеми количини гориво надвор од европскиот регион. European Commission се очекува да излезе со дополнителни мерки за следење и евентуална распределба на резервите меѓу земјите-членки.
Слични мерки веќе се забележуваат и кај други авиокомпании ширум светот, кои ги намалуваат летовите или ги зголемуваат цените, обидувајќи се да се справат со растечките трошоци за гориво.
