Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Собранието на надзорната расправа на тема „Нефункционална и недоследна примена на одредбите од Законот за употребата на македонскиот јазик“, истакна дека почитувањето и спроведувањето на законот претставува обврска на сите институции и дека неговата примена не смее да биде предмет на дневнополитички пресметки.
Тој потсети дека Законот бил донесен со широк парламентарен консензус на почетокот на 2024 година, а дека тој функцијата министер ја презел неколку месеци подоцна, во период кога не бил воспоставен Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик и не биле создадени услови за негово целосно оперативно функционирање.
„Недоследната и нефункционална примена на Законот не започнала со оваа Влада. Таа е резултат на долгогодишно отсуство на системски пристап, институционална инерција и недоволна политичка волја. Затоа, денес треба да зборуваме со факти, а не со политички квалификации“, нагласи Љутков.
Министерот информираше дека во изминатиот период е формиран Советот за македонски јазик, започната е подготовката на Националната стратегија за македонскиот јазик, а лекторските испити се спроведуваат континуирано. Дополнително, за првпат е воспоставен Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, со вработени инспектори кои се во фаза на обука.
Тој додаде дека Владата ги задолжила институциите да обезбедат доследно почитување на законските обврски во однос на ангажирањето лектори, а собраните податоци ќе послужат како основа за изработка на Националната стратегија за македонскиот јазик.
Осврнувајќи се на меѓународната афирмација на македонскиот јазик, Љутков посочи дека во моментов функционираат 12 лекторати во 11 земји, а во последните три години се отворени нови во Тирана, Нитра и Неапол.
„Нашата обврска е македонскиот јазик да добие вистинска, жива и достоинствена институционална заштита. Почитта кон јазикот не се докажува со декларации, туку со институции што функционираат, со закони што се применуваат и со држава што ги исполнува своите обврски“, порача министерот Љутков.