По снежните и дождливи врнежи што ја зафатија земјава, Македонија од почетокот на следната недела влегува во период на изразено ниски температури. Се очекува стабилизирање на временските услови, но студот ќе биде особено изразен во утринските часови, кога температурите на одделни места ќе се спуштат и до минус 18 степени.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), денеска времето ќе биде проследено со дожд и снег, како и засилен северен ветер. На повеќе места се очекува формирање снежна покривка.
По завршувањето на врнежите, од почетокот на следната недела ќе преовладува стабилно, но многу студено време. Најниските температури ќе бидат регистрирани во утринските часови, а во одредени делови од земјата живата во термометарот може да се спушти до -18 степени Целзиусови.
Зимските услови не ја одминуваат ниту пошироката балканска област. Во Србија се очекуваат дожд, лапавица и снег, при што снежна покривка ќе се формира и во пониските предели. До недела наутро во низинските делови се прогнозираат од 5 до 20 сантиметри снег, а во планинските области и над 30 сантиметри.
Поради најавените обилни врнежи, во Србија се активирани жолти и портокалови метеоаларми. Метеоролозите предупредуваат на намалена видливост, снежни наноси и отежнато одвивање на сообраќајот.
Студен бран со силен ветер ја погоди и Хрватска. Снег веќе се задржа во пониските предели, додека на Јадранското Море се очекуваат силни налети на ветер. За Подвелебитскиот канал е издадено црвено предупредување, поради можни налети на бура до 165 километри на час.
Хрватските метеоролози предупредуваат на можни прекини во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија, како и на опасност од паднати дрвја, скршени гранки и предмети што може да бидат носени од силниот ветер.
Снежни врнежи денеска има и во Сараево, а врнежливо и студено време со снег и лапавица е прогнозирано и во другите делови на Босна и Херцеговина.