Свет

МААЕ: Има индиции дека Северна Кореја подготвува нуклеарна проба

МААЕ: Има индиции дека Северна Кореја подготвува нуклеарна проба

Според Меѓународната агенција за атомска енергија, постојат сè поголеми индикации дека Северна Кореја се подготвува да ја изврши својата прва нуклеарна проба од 2017 година.

МААЕ е организација која ја следи употребата на нуклеарно оружје.

„Се надеваме дека нема да дојде до тоа, но за жал индициите се поинакви“, рече директорот на МААЕ Рафаел Гроси во Њујорк. „Ова е нешто што многу ги загрижува сите, бидејќи тоа ќе биде уште една потврда дека имаме работа со нуклеарна програма која се развива со полна брзина, и тоа на многу загрижувачки начин“, додаде тој.

Што се знае досега?

Северна Кореја изврши  повеќе ракетни тестови во последните месеци.

Ноќта на 28 октомври, Северна Кореја изврши уште еден ракетен тест во правец на Јапонското Море. Беа истрелани две балистички ракети со краток дострел. Двата проектила паднале надвор од јапонската економска зона, а нема информации за штети.

Ова е 28-ми ракетен тест на Северна Кореја оваа година.

Од јуни, МААЕ известува за активностите на полигонот Пунгери, каде меѓу 2006 и 2017 година, Северна Кореја изврши шест пробни нуклеарни експлозии.

Политичка рефлексија

Веќе почнаа предупредувањата против Северна Кореја. Соединетите Држави рекоа дека секој нуклеарен напад против нив или нивниот сојузник ќе доведе до крај на режимот во Пјонгјанг.

„Не постои сценарио во кое режимот на Ким може да употреби нуклеарно оружје и да преживее“, се вели во Стратегијата за национална безбедност, објавена вчера од Пентагон. Министерството додаде дека ќе продолжи да ја задржува Северна Кореја преку „надворешно воено присуство“, вклучително и преку нејзините капацитети за нуклеарно одвраќање и воздушна и ракетна одбрана, во тесна координација и интероперабилност со вооружените сили на Јужна Кореја.

Во меѓувреме, американскиот заменик државен секретар рече дека земјата ќе го искористи својот целосен воен потенцијал, вклучително и нуклеарен,  за да ги одбрани своите сојузници Јужна Кореја и Јапонија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни