Свет

МААЕ ја проверува Украина поради тврдењата за „валкана бомба“

МААЕ ја проверува Украина поради тврдењата за „валкана бомба“

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека ги започнала своите инспекции во Украина, кои беа побарани од украинските власти откако рускиот претседател Владимир Путин го обвини Киев за изградба на „валкана бомба“, пренесе АФП.

Инспекторите на МААЕ „започнаа и наскоро ќе ги завршат инспекциите на две локации во Украина“, соопшти агенцијата со седиште во Виена.

Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, рече дека ќе ги објави „првите заклучоци во врска со инспекциите на двете локации“ оваа недела, се вели во соопштението на МААЕ.

Инспекторите беа испратени во Украина на барање на украинската влада.

Русија го обвинува Киев дека се подготвува да употреби „валкани бомби“ против руските сили во Украина. Сепак, украинската влада се сомнева дека самата Русија сака да употреби „валкана бомба“ и да ја префрли вината за тоа на Украина. Според Киев, можен мотив за тоа би можела да биде намерата на Москва да создаде изговор за употреба на нуклеарно оружје во Украина, каде руските сили губат земја, забележува Франс прес.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни