Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) го потврди првиот регистриран случај на зика вирусна инфекција во Македонија. Станува збор за македонски државјанин кој неодамна престојувал на Малдиви, каде што најверојатно се заразил по каснување од комарец.
Според информациите од ИЈЗ, лицето престојувало на Малдивите од 20 до 28 мај годинава. Првите симптоми се појавиле за време на патувањето и вклучувале треска, болки во мускулите и зглобовите, лесно покачена телесна температура, а неколку дена подоцна и осип по телото.
По враќањето во земјата биле направени лабораториски испитувања во Одделението за вирусологија при ИЈЗ, при што бил потврден позитивен наод за зика вирус.
Од Институтот информираат дека пациентот не бил хоспитализиран и е испратен на домашно лекување. Во моментов се наоѓа во добра здравствена состојба.
Здравствените власти посочуваат дека иако станува збор за увезен случај, поради зголемените патувања кон тропски туристички дестинации како Малдивите, Тајланд, Индонезија, Бразил и земјите од Карипскиот регион, постои можност и за појава на нови случаи кај патници кои престојувале во подрачја каде циркулира вирусот.
Од ИЈЗ нагласуваат дека ризикот за населението во Македонија во овој момент е низок, но препорачуваат граѓаните кои патуваат во тропски земји да преземаат мерки за заштита од убоди од комарци и да ги следат здравствените препораки.