Македонија и Казахстан со нов импулс за економска соработка и трговија

Северна Македонија и Казахстан најавуваат засилување на економската соработка и трговската размена, со фокус на конкретни проекти и поголема вклученост на бизнис-заедниците. Ова беше истакнато на заедничката прес-конференција на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и казахстанскиот министер за трговија и интеграции Арман Шакалиев, кој е во официјална посета на земјава.

Како клучен чекор кон продлабочување на соработката беше посочен вториот македонско-казахстански бизнис-форум во Скопје, како и потпишувањето два значајни документи што треба да дадат нов поттик за соработка меѓу компаниите.

Муцунски оцени дека сегашното ниво на економска размена не го одразува реалниот потенцијал меѓу двете земји, но нагласи дека постојат конкретни можности за негово унапредување.

„Оваа посета е јасен сигнал за заедничката подготвеност за продлабочување на економската соработка. Се согласивме дека постојат достижни чекори за надминување на постојниот јаз во трговијата“, изјави Муцунски.

Тој информираше дека се разгледува одржување на втората седница на Заедничката македонско-казахстанска комисија за трговска и економска соработка во Астана, како дел од напорите за поинтензивна економска динамика.

Дополнително, беше нагласена потребата од надминување на предизвиците поврзани со географската оддалеченост преку зајакнување на директните контакти меѓу компаниите, стопанските комори и преку почеста организација на бизнис-форуми и саеми.

Муцунски посочи дека Владата останува фокусирана на создавање предвидлива и конкурентна деловна клима, како и на привлекување странски инвестиции, при што земјата е отворена за казахстански инвеститори, особено во технолошко-индустриските развојни зони.

Казахстанскиот министер Шакалиев нагласи дека неговата земја гледа на Северна Македонија како важен партнер во Европа и потенцијална логистичка врска во регионот.

„Нашата цел е да ја зголемиме билатералната трговија, да ги прошириме деловните контакти и да идентификуваме конкретни области за соработка“, изјави Шакалиев.

Тој посочи дека Казахстан активно го развива транспортниот сектор, при што клучна улога има Транскаспискиот меѓународен транспортен пат, познат како Среден коридор, кој ги поврзува Азија и Европа.

Во тој контекст, Северна Македонија се гледа како значајна алка во европските транспортни мрежи, со потенцијал за развој на логистички синџири и пласирање на казахстански производи на пазарите во Југоисточна и Источна Европа.

Како еден од следните чекори беше најавено и формирање деловен совет, кој треба да ја олесни директната соработка меѓу компаниите и да поттикне реализација на заеднички проекти.

Двете страни оценија дека ваквите иницијативи претставуваат основа за подолгорочна и поодржлива економска соработка, со фокус на инвестиции, индустриски партнерства и заеднички развојни проекти.