Македонија

„Македонија не ве заборава“: Мицкоски го отвори споменикот на македонските херои во Туминец

„Македонија не ве заборава“: Мицкоски го отвори споменикот на македонските херои во Туминец

Под мотото „Чест за хероите, завет за иднината“, денеска во селото Туминец, Мала Преспа, беше оддадена почит на македонските борци од овој крај. Премиерот Христијан Мицкоски, кој е и ктитор на новото спомен-обележје, упати силна порака за единство на Македонците, нагласувајќи дека матицата цврсто стои зад својот народ во Албанија.

Македонците во Албанија – чувари на националното ткиво

На свеченоста организирана на брегот на Преспанското Езеро, во второто по големина населено место во областа Мала Преспа, премиерот Мицкоски истакна дека истрајноста на нашинците во овој крај е подвиг кој заслужува длабок поклон.

„Македонците во Албанија се нераскинлив дел од македонското национално ткиво. Вие го сочувавте македонското име, јазикот, традицијата и духот и тогаш кога било најтешко. Затоа денес сакам јасно да порачам: Матицата нема да ве заборави. Македонија стои со својот народ каде и да е – со почит, грижа и со искрена поддршка“, нагласи Мицкоски пред присутните граѓани.

Повик за обединување околу националните интереси

Во своето обраќање, премиерот стави посебен акцент на потребата од внатрешно обединување, влечејќи паралели со историската пожртвуваност на претците.

„На Македонија денес повеќе од сè ѝ е потребно обединување околу националните интереси и иднината на нашите деца. Нашите предци не се делеа кога ја бранеа слободата; не прашуваа кој од каде е, ниту на кого припаѓа. Сите стоеја под едно име – Македонија“, порача тој.

Траен завет во Туминец

Новиот споменик во Туминец останува како траен белег за придонесот на македонските херои од Преспанскиот крај во борбата за слобода и достоинство. Настанот во Мала Преспа помина во достоинствена атмосфера, со присуство на голем број Македонци од сите девет населени места во областа, кои уште еднаш ја потврдија својата цврста поврзаност со македонскиот идентитет.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни