Македонија

Македонија со континуиран пад на населението – изгубени над 14.000 жители за три години

Македонија со континуиран пад на населението – изгубени над 14.000 жители за три години

Податоците на Евростат покажуваат дека населението во Македонија продолжува да се намалува во последните неколку години, што ја става земјата во групата на држави со негативни демографски трендови во Европа.

Според статистиката, бројот на жители во земјата е намален за околу 14.500 лица во период од три години. Во 2022 година Македонија имала 1.837.114 жители, во 2023 година 1.829.954, во 2024 година 1.826.247, додека во 2025 година бројот се спуштил на 1.822.612 жители.

Овие податоци укажуваат на континуиран, но постепен пад на населението, што се поврзува со негативен природен прираст и иселување, тренд кој веќе подолг период е присутен во земјата.

Во поширок европски контекст, демографските промени се изразени и на ниво на Европската Унија, каде стареењето на населението и промените во структурата на жителите стануваат сè понагласени.

Сепак, за разлика од дел од земјите во ЕУ кои бележат стабилизација или раст, Северна Македонија продолжува да се соочува со намалување на бројот на жители, што отвора прашања за долгорочните економски и социјални последици.

Аналитичарите предупредуваат дека ваквите трендови може да влијаат врз пазарот на труд, пензискиот систем и развојните перспективи на државата доколку не се преземат посилни мерки за демографска политика.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни