За околу 500 евра, споменикот „Македониум“ во Крушево бил отстапен за снимање на музички спот на косовскиот рапер Дон Џони.
Од Историскиот музеј Крушево потврдуваат дека продукцијата претходно побарала дозвола за користење на просторот, по што било одобрено снимањето.
Директорот на музејот Миха Оџаклиески вели дека Управниот одбор има донесено одлука просторот да може да се отстапува за снимања, со соодветен надомест.
„Просторот беше отстапен за снимање спот. И на Управен одбор имаме донесено одлука да може просторот да се отстапува со соодветна цена, се наплатува. Тие имаа доставено до нас објаснување дека просторот ќе се користи за снимање спот“, изјави Оџаклиески.
Според него, цената се определува зависно од времетраењето на користењето на просторот, а во конкретниот случај станувало збор за околу 500 евра за пет до шест часа.
„Немаме точно оформена цена, се отстапува на саати, на пример околу 500 евра за 5-6 саати“, посочи директорот.
„Македониум“ е познат и по тоа што во неговиот комплекс се наоѓа гробот на Никола Карев, претседател на Крушевската Република за време на Илинденското востание во 1903 година.
Од Управата за заштита на културното наследство, пак, велат дека до нив не било доставено барање за дозвола за снимањето. Директорката Весела Честоева посочува дека до Управата често пристигнуваат барања за снимање емисии, музички спотови и други содржини во објекти кои се под заштита, а дозволите се разгледуваат согласно условите и намената.
Споменичкиот комплекс „Македониум“ е дело на Јордан и Искра Грабулоски и е отворен на 2 август 1974 година. Објектот е посветен на Народноослободителната борба и на Илинденското востание, а низ годините привлече внимание и од странски медиуми кои го вбројуваа меѓу позначајните примери на бруталистичка архитектура.
Минатата година македонската група „Некст тајм“ го објави проектот „Македониум“, снимен на истоимената локација.
Прашањето за користењето на комплексот доаѓа во период кога „Македониум“ се соочува и со проблеми со неговата физичка состојба. Изминатото лето на делови од комплексот беше поставена метална конструкција како привремена заштита поради долгогодишното протекување.
Тогаш од Заводот и музеј-Прилеп беше посочено дека станува збор за привремено решение, додека од Управата за заштита на културното наследство беше соопштено дека не била издадена дозвола за поставувањето на металните решетки и дека ќе биде извршен инспекциски надзор.