Македонија

Македонски државјанин вмешан во нарко-мрежа што шверцувала кокаин во Европа

Македонски државјанин вмешан во нарко-мрежа што шверцувала кокаин во Европа

Еден од осомничените во големата меѓународна акција против мрежа за шверц на кокаин, која според истрагата транспортирала најмалку 50 тони дрога кон Европа, е Сокол Бибај – лице добро познато и на македонските власти по аферата „Двојник“, во која беа издавани македонски пасоши со лажни идентитети на криминалци.

Албанското Специјално обвинителство издаде налози за апсење на 10 лица, меѓу кои и 43-годишниот Бибај, кој, според истрагата, бил еден од клучните членови на криминалната организација. Групата, која дејствувала во периодот од 2019 до 2021 година, воспоставила канали за транспорт на кокаин од Еквадор и Колумбија до европските пазари, главно преку пристаништата во Белгија и Холандија.

Според албанските медиуми, обвинителството тврди дека криминалната мрежа организирала транспорт на најмалку 50 тони кокаин, што случајот го прави еден од најголемите во регионот. Во пет одделни акции биле запленети околу девет тони кокаин, меѓу кои пратка од околу 700 килограми во Антверпен и повеќе од два тона во еквадорскиот град Гвајакил.

Истрагата покажала дека организацијата не се занимавала само со шверц на дрога, туку и со перење пари преку легални инвестиции. Албанските власти замрзнале и конфискувале 491 имот и финансиски средства во вредност од околу 150 милиони евра, меѓу кои луксузни вили, хотели, деловни објекти, земјиште на крајбрежјето и стотици банкарски сметки.

Дополнителни докази, според истрагата, произлегуваат од комуникациите преку криптираната платформа Sky ECC. Албанските медиуми објавија дека Бибај, кој ги користел прекарите „Густи“, „Питбул“ и „Пука“, со своите соработници разговарал за количините кокаин што можеле да ги испорачуваат секоја недела. Во една од комуникациите се наведува и пораката: „Ќе ја дрогираме Европа.“

Случајот повторно ја актуелизира и аферата „Двојник“ во Македонија. Сокол Бибај бил баран од македонските власти поради користење лажен македонски пасош издаден во рамки на оваа афера. Тој патувал со пасош на име „Андон Папи“, но со украден идентитет на вистински македонски државјанин. Покрај него, и друг осомничен – Флоријан Мусај – поседувал македонски пасош со позајмен идентитет, издаден на името „Наум Фило“.

Во акцијата се опфатени и Никола Бибај, Иса Алиу, Флоријан Мусај, Армандо Пачани, Денис Матоши, Налди Изеирај, Оклид Алиу, Дритан Ѓика и Шпетим Алиу.

Операцијата е резултат на повеќегодишна меѓународна соработка меѓу албанските институции, Европол, Еуроџаст, британската Национална агенција за криминал (NCA), како и безбедносните служби на Колумбија и Еквадор. Албанските власти најавија дека истрагата продолжува и не ја исклучуваат можноста за нови апсења и дополнителни конфискации.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни